Лазаров: Пак македонскиот менталитет, македонската глава - тука треба да се работи!
Триумфот над Романија е многу важен за полесен пат до Светското првенство, но ги загубивме шансите за втората фаза.
„Задоволен сум поради победата. Кога ќе сумираме сè, треба да бидеме задоволни од тоа што го направивме против три силни противници. Видовте дека Романија е цврста селекција која знае што сака. Жал ми е затоа што почнавме добро, но како да се изненадивме како да може во прво полувреме да водиме со седум-осум разлика. Тука се почувствував немоќно како тренер. Ние промашувавме од чисти изградени ситуации. Можевме да ги декласираме и да не им оставиме надеж. Мислевме дека во второто полувреме ќе бидеме подобри, но како минуваше времето, Маркоски се повреди, Аларов доби црвен картон, бевме хендикепирани и во напад и во одбрана. Мислам дека проблемот ни беше во нападот, но и нивниот голман имаше добри интервенции. Се надевав дека ќе победиме со повеќе голови, зашто така надежта последна умираше“, вели селекторот Лазаров.
Тој е свесен дека речиси е незамисливо Данска да ја победи Португалија со 18 голови разлика.
„Мислам дека Данска да победи со 18 голови разлика е невозможна мисија. Им честитам на момците, но жал ми е што не победивме со поголема разлика. Сакавме да се пласираме во топ-12, мислам и дека заслуживме. Завчера требаше да имаме напад за победа, да бидеме поприсебни, но секогаш ни случува истото. Македонски менталитет, македонска глава, тука треба да се работи. Ние ќе останеме во сала и ќе навиваме за Данска, се надеваме дека ќе победи со поголема разлика. Им благодарам на навивачите и на цела Македонија за поддршката која ја добиваме“, додаде селекторот.