Лазаров одбра за СП: Митревски се враќа, Томовски резерва, а Талески – отпадна!

Селекторот на ракометната репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, денеска го објави списокот ракометари на кои ќе смета за претстојното Светското првенство (СП) во јануари во Хрватска, Данска и Германија, на кој има неколку изненадувања.

Предводникот на жолто-црвените дефинитивно нема да смета на искусниот Филип Талески, кој не е повикан, додека единствениот наш претставник во Бундеслигата, голманот Мартин Томовски е ставен на списокот со резерви. Заедно со него како бекап се најдоа уште и Цветан Кузманоски, Никола Костески, Самоил Ристески, Емилијан Ѓорговски, Филип Николов, Марио Танковски и Михаил Аларов. Во тимот, пак, се враќа голманот на Пелистер, Никола Митревски, кој не беше дел од последните настапи на македонската селекција во квалификациите за ЕП 2025.

Македонија настапот на Мундијалот ќе го почне против Унгарија на 15 јануари, по што два дена подоцна ќе игра против Холандија, а групната фаза ќе ја затвори со дуелот против Гвинеја на 19 јануари. Нашите сите средби од првата и евентуалната втора фаза, за што ќе ни треба пласман на едно од првите три места, ќе ги играат во Вараждин.