Лазаров порачува: Не ја оставам оваа Македонија!

Откако се активираа клубовите и дефинитивно се затвори репрезентативното поглавје од Европското првенство во Хрватска, Спорт1 се обиде да го глазира со едно генерално видување од капитенот Кире Лазаров. Беше шампионат со две лица на Македонија, коинцидентно или не, првото со него во составот – одлично – второто додека беше заробен на клупата, а Македонија трпеше горки лекции.

ВЛАДКО АРСОВ

Никој од ракометарите не се занесуваше со најави за некакво полуфинале пред поаѓањето за Хрватска. Апетитите ги отвори извонредната прва фаза. Македонија се најде во недоживеана ситуација досега, да биде прва во групата и легитимно да се надева на полуфинале. Кире Лазаров си го премотува филмот и заклучува – не треба да бидеме незадоволни.

„Тешко е да се најде адекватен збор и реална оценка за нашиот настап на ЕП. Уште пред почетокот на првенството го нарековме „специјално првенство“, со оглед на близината на Македонија до домаќинот и очекуваната поддршка од нашите навивачи, кои секако ни додадоа дополнителна енергија во обидите да оствариме историски резултат. Да, испуштивме историска шанса, која што ја заслуживме со екстра квалитетен прв круг и пренесени три бода, со промашен зицер за победа со Германија, со што ќе беа и четири пренесени, па потоа со една победа во втор круг ќе имавме сигурно полуфинале...Но, тоа е што би било кога би било. Можам да истакнам дека на ова ЕП имаше повеќе позитивни работи, отколку негативни и никако не треба да бидеме незадоволни од целокупната ситуација“, размислува Лазаров.

Неговата почит кон Раул Гонзалес не е нова вест, тие се стари пријатели од годините во Атлетико Мадрид/Сиудад Реал, но сигурно освежување е очигледната наклонетост и нескриената почит која еден селектор, згора на тоа странец, ја ужива кај репрезентативците. Истата слика ја доловуваат и зборовите на капитенот.

„Со Раул добивме нов квалитет и разновидност и офанзивно и дефанзивно. 'Слепо' му веруваме сите од прв до последен и го почитуваме многу, затоа очекувам да бидеме уште подобри со него во блиска иднина. Во системот полека, но сигурно влегуваме веќе со рутина, што е големо олеснување и предност. Исто така, треба да разбереме дека и за него ова е прв турнирски систем како селектор, тотално различен од клупскиот и тоа исто така дава надеж дека ќе бидеме уште подобри во иднина. Сите бевме самокритични и ги увидовме сите грешки кои беа направени за време на првенството и сега само треба да се исправат. Раул и со Вардар не стигна уште првата година до шампионската титула, му требаше доста време за да го направи тоа. Затоа треба трпение и посветеност, а нашиот таргет и потсвесно и стратешки повеќе е СП во Германија и во Данска, кое воедно претставува квалификации за ОИ во Токио“, коментира Лазаров.

Не се воздржува да ги посочи и недостатоците, како на пример физичката подготвеност, судејќи по неговите зборови, повеќе индивидуалната, отколку онаа на која се работеше во репрезентативниот камп.

„Една од причините за падот на Македонија во Хрватска беше и нашата физичка подготвеност. Ова е турнирски систем и нашите тела треба да бидат подготвени за седум, осум екстремно тешки натпревари кои треба да се одиграат во 10-14 дена. Во иднина секој репрезентативец треба да поведе грижа сам за себе и да доаѓа физички подготвен на собирите, доколку има репрезентативни амбиции за повисок дострел. Само така може да направиме чекор понапред. За разлика од тоа, би истакнал дека психолошки и тактички бевме одлично подготвени“, потенцира најискусниот меѓу репрезентативците.

Сигурно една друга причина за падот на Македонија е неговата повреда и отсуството во трите меча во втората фаза. Екипата се најде под императив да биде најсилна, токму кога го нема лидерот, а товарот падна врз Мартин Велковски и Филип Талески во прв ред, едниот како алтернативен десен бек, другиот како принудна локомотива на тимот. И двајцата првпат во таа одлука. Лазаров го потенцира нивниот придонес, но отворено подели конструктивна критика. Побара – емоција!

„Не постои поединец кој може да каже ‘ова беше мојот максимум на првенството’, но исто така мислам дека никој од нас не беше ни блиску до својот максимум. Ова ни дава исто така за право да веруваме дека можеме да бидеме уште подобри. Младите беа наша додадена вредност на ова ЕП. За нив ова беше второ или трето големо натпреварување. Има работи за кои треба да се пофалат, но има и што да се искритикува. Само така ќе станат големи играчи. Очекуваме од нив уште поголема одговорност и уште подобри игри. Нивните врсници во другите репрезентации веќе се носители на игра, но исто така и во клубовите. Нека го земат ова како позитивна критика и еден ден ќе бидат благодарни. Не видов никаква победничка емоција кај нив, дури и кога имавме плус пет со Чешка и егал со Данска во прво полувреме, а уште пострашно, кога губевме со -10 со Шпанија и во вториот дел со Данска. Во никој случај не смее да им биде сеедно“, советува капитенот.

Видовме пробна верзија на „Македонија без Лазаров“ и не дај Боже наскоро да го гледаме целиот „филм“. Капитенот и понатаму е во мирување по повредата заработена на мечот со Шпанија, но утешува – нема сега да го остави националниот тим.

„Повредите се составен дел од спортот. Јас чувствувам дека уште сум ѝ потребен на оваа репрезентација. Таа постоела пред да станам нејзин член, ќе постои и по моето заминување. Меѓутоа, не сакам оваа Македонија да ја направи истата грешка што ја направи генерацијата на Манасков. Се опростија пред време од репрезентативниот дрес, иако се уште беа во врвна форма и нè оставија нас помладите сами да се бориме за пласман на големо натпреварување. Тој пост без големо натпреварување траеше од 2000 до 2009 година. Девет години без големо натпреварување е долг период и ние уште го плаќаме тој данок. На младите ќе оставиме цврста база, која само ќе треба да ја надградуваат. Ракометот е национален спорт и таков треба да остане“, го кажа своето Лазаров.

Кога се повреди јавноста неизбежно контроверзно коментираше „како баш сега“, меѓутоа излезе дека повредата нека што е реална, туку и не е наивна. Првичната информација на 22 јануари беше скинато мускулно влакно и пауза од три до четири недели. А сега...

„Ова е навистина нетипично за мене во овој дел од сезоната, имам комплетен одмор. Олку немам одморано ни во летен период, кога паузата е многу подолга. Задоволен сум, рехабилитацијата оди добро, иако повредата излезе многу посериозна отколку што и самиот мислев на прв впечаток“, открива Лазаров, кој ќе го пропушти стартот на Лигата на шампионите со својот Нант, следниов викенд.

Тогаш, на ден по повредата, а пред клучниот меч со Чешка, се креираше една тензична неизвесност, веројатно и за да се збуни противникот, а Лазаров потоа, сепак, се појави на теренот. Ги шутираше седмерците, но за жал беа запрени и тој и Дејан Манасков во рок од три минути, кога беше најпотребно. Потоа се развија „експертски“ тези, дека Лазаров требало да го шутира и тој решавачки седмерец. Прашавме дали имаше конкретен договор или, пак, се почитувало правилото, кога еден промашува доаѓа другиот.

„Најмалку е важно кој промашил, а кој дал гол во колективен спорт. Лош поединец не постои во победа, а уште помалку постои добар поединец во пораз. Натпреварот со Чешка се мобилизиравме да го добиеме по секоја цена. Игравме перфектно. Со победа ќе игравме најмалку за петто место, а и ќе имавме натпревар со Данска за полуфинале (Данците веќе беа сигурни полуфиналисти). Последните десет минути изгубивме глава, не знаевме да го однесеме мечот до крај. Дејан и да го дадеше голот, нерешено немаше многу да ни значи“, го сподели својот став Лазаров.

Сега најкорисно е ако овие случки полека се сместат во фиоките на заборавот, кога веќе нема полза од нив. Поважно е новата мисија која се крена пред Македонија, баражот за пласман на СП 2019, против селекцијата на Романија. На Лазаров му е познато што нè чека, барем од аспект на селекторот Чави Паскавл.

„Неатрактивен, но многу сериозен противник или така да се изразам – нагазна мина. Самото тоа што нивен селектор е тренерот на Барселона, кого многу добро го познавам, значи дека ќе имаме тешка задача. Романскиот ракомет има и голема традиција. Ние треба да сфатиме и да знаеме дека можеме и мораме да бидеме подобри отколку на ЕП во Хрватска. Само така може да очекуваме успех во баражот и пласман на СП“, вели капитенот.

Македонија од Загреб би ја поминала Романија, но Македонија од Вараждин би била на маки. На тој пад, најтазе се осврна и претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, изјавувајќи дека „првенството треба да се игра докрај, а личните проблеми и суетите да се остават во Скопје“. Коментарот на Кире Лазаров за оваа критика...

„Репрезентативниот дрес е светост, која треба постојано да се заслужува. Мислам дека во овој поглед заостануваме и треба да се коригираме. Ние спортот го доживуваме со многу емоции, што не е лошо, меѓутоа во врвниот спорт, за врвни резултати емоција и сентименталност – не постојат. Познавајќи го нашиот претседател подолго време, сигурно има причина за изјавата од ваков тип. Репрезентацијата е над сите и мора да има кодекс на однесување“, се изјасни Лазаров.

Имало или немало некој конкретен проблем, како повод за ваквите коментари – не е ни важно сè додека Македонија излезе силна и хомогена, за околу четири месеци, на портите на Мундијалот. Дотогаш нека заздравуваат повредите, не само на телото, ами и на репрезентативниот дух.