
Лазаров: Имам позитивни вибрации, желба ми е да славиме со 7.000 публика - заедно!
Заклучокот од првиот меч за Лазаров е дека Чешка немала добра проценка за нашиот квалитет, а Македонија на добар начин тоа го искористи да го диктира мечот и да одигра реми. Меѓутоа, тоа потценување сега нема да се случи и затоа Лазаров повикува на внимателност. Искуството на дел од играчите токму сега треба да дојде до израз, а ќе победиме само ако ја одиграме својата игра и тактика, смета селекторот.
„Ние сме задоволни како одигравме, иако можеше многу подобро да поминеме резултатски. Меѓутоа, по (не)преспиените две ноќи, можам слободно да кажам дека Чешка малку нè потцени, без да ги оспорам нашите играчи, напротив сакам да ги пофалам, затоа што дадовме еден екстра квалитетн натпревар, можеби еден од подобрите во изминативе неколку години. Затоа очекувам уште поквалитетна, уште поцврста Чешка и уште поподготвена тактички и стратегиски. Не ме плаши воопшто, меѓутоа треба да бидеме внимателни и сме внимателни засега. Мислам дека имаме доволен број на искусни играчи во екипата, со голем број вакви натпревари одиграни, за да ја искористиме предноста публика и 7.000 гледачи ветар во грб, а не да ни биде дополнителен притисок. Важно е она што ќе го договориме, да го спроведеме на терен, да бидеме свои, да знаеме што треба да правиме, а публиката да ни биде дополнителен мотив, кој секогаш многу ни значи, за да можеме заедно да славиме и да се пласираме на СП. Имаме добри шанси, добар резултат, имаме и доволно време и да одмориме и да потренираме малку и да подготвиме уште еден квалитетен натпревар во недела“, изјави Лазаров.
Проблем беше да се скенира Чешка, затоа што за овој плеј-оф имаше нов селектор во Хавиер Сабате. Лазаров и неговиот стручен штаб, можеби, не знаеја што ќе излезе од спојката меѓу Сабате и чешките ракометари, но добро го познава Шпанецот, па се потпре на своите анализи за неговиот стил. Вели дека со ништо не нè изненадија, а дури и да се случи такво нешто на реваншт в недела, ќе се обидат да се прилагодат уште во почетните минути.
„За првиот натпревар немавме материјал, но човек кога е во тесно ќе се снајде. Го анализирав Сабате на еден друг начин и мислам дека Чешка не нè изненади со ништо. Одигра она што го очекувавме дека ќе го игра и затоа резутлатот беше таков каков што беше. Секако дека Сабате е квалитетен тренер кој во минативе години го покажа тоа и во Веспрем и во репрезентацијата на Унгарија и сега во Висла. Треба да бидеме претпазливи, бидејќи тој секако ќе проба да направи некое изненадување. Колку тоа ќе успее да го направи со играчи кои не ги познава добро, за овој период од два-три дена, тоа ќе видиме. Меѓутоа нашиот стручен штаб разговара, претпазливи сме и фокусирани на секој детаљ и се надевам дека ако има нешто ново во натпреварот, ќе го забележиме во првите 5-10 минути и ќе се обидеме да го пренесеме на играчите. Се разбира, без да го нарушиме она што сме го договориле. Јас имам позитивни вибрации, позитивна мисла и мислам дека имаме квалитет да одиграме добар натпревар и да славиме, па макар тоа било и со еден гол разлика, важно да ја оствариме целта“, додаде Лазаров.
На Македонија ѝ е потребна каква било победа по ремито 24-24 за да се пласира на СП 2023 во Шведска и во Полска. Реми би ни одговарало, но само ако е изразено со помалку голови од првиот меч. Утрешниов, почнува во 19 часот, во распродадена „Борис Трајковски“.