Лазаров: Го познавам Чави, сигурно ќе ни подготви некое изненадување!

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, гоодржа првиот тренинг, иако со некомплетна репрезентација, пред бараж двомечот со Романија на 17 и 19 март. Противник од спротивната клупа ќе му биде неговиот ментор од Барселона, Чави Пасквал, но колку и да е големо неговето име и да има адути во ракавот, Лазаров смета дека нам треба да ни е важна играта на Македонија,.

Пласман на Европското првнество во Унгарија и во Словачка, во јануари, ни ја одреди судбината, барем во овие пролетни месеци. За понатаму Македонија сама си го крои патот, кој не сакаме ни да помислиме дека ќе води наназад, кон годините кога бевме заплеткани во баржаи и квалификации, без настап на големите собири.

„Уште по пласманот на Европското првенство знаевме дека ќе треба да играме бараж за пласман на СП, тоа го имав во глава уште по поставувањето за селектор“, проговори Лазаров пред денешниот прв тренинг, давајќи знак дека е подготвен за сè што ѝ се случува на репрезентацијата.

Веќе бевме во слична ситуација, во 2018 година, кога требаше да ја поминеме Романија за пласман на СП 2019 и успеавме во тоа, иако во реваншот во Клуж загубивме, по високата победа во Скопје. Тој натпревар го натера Чави Пасквал да си даде отказ од селекторската функција, но минатата година повторно ја презеде, сега и како тренер на Динамо Букурешт. Тоа дава знаци на сериозни намери и планови за романскиот машки ракомет. Прашањето е колку успеале да напреднат во однос на нашата победа во 2018, а колкава е разликата кај нас. 

„Од тој натпревар истото е тоа што тие го имаат истиот селектор, мислам дека имаат одредени измени меѓу играчите. Пасквал ми е добро познат тренер, 12 години беше во Барселона. Да опстанеш 12 години во една таква институција значи дека си еден од најдобрите тренери на светот. Сигурно дека ќе добијат и веќе добија многу со него, на сериозност, на квалитет, на стратегија и на клупски на репрезентативниот ракомет. Што се однесува до нас имаме доста промени во однос на тој натпревар. Имаме доста новитети, доста нови играчи кои не беа дел од тој бараж. Еден противник кој е доста сериозен, којшто никако не смееме, не сакам ни да го изговорам тој збор, да го потцениме, напротив треба да го гледаме со респект, бидејќи познавајќи го Чави сигурно ќе подготви некое изненадување. Ние еве веќе почнавме, направивме една сеанса, анализираме и сигурен сум дека добро ќе се подготвиме за тие бараж натпревари“, истакна селекторот.

Овој пат само Романија нема да ни биде доволна за пласман. Ако ја поминеме, тоа ќе значи само дека сме се пласирале во второто ниво од овој плеј-оф, каде што ќе не чека Чешка, на 13 и на 16 април. Затоа, многу поважно ќе биде како игра Македонија, а не противниците.

„Ние не треба да се оптоваруваме со Романија. Почнавме една работа која треба да ја продолжиме и да ја надградиме. Има работи со кои сум задоволен,но има работи кои треба да ги поправиме. Колку и да си добар секогаш има простор за натпреварување. Важно е дека сме на добар пат и сигурен сум дека ќе се подготвиме добро и дека ќе има една добра претстава“, дополни Лазаров.

Тој и неговиот стручен тим веќе имаат подготвено видео анализи за Романците, на кои ќе им се посветат уште попладнево. Ракометарите дел пристигнаа синоќа, дел денеска, а ќе се комплетираат вечерва со доаѓањето на Никола Митревски. Тој, како и Жарко Пешевски и Филип Миркуловски ќе ги пропуштат денешните тренинзи, но од утре Македонија ќе работи во полн состав, само без оние кои се знаеше од претходно дека се повредени: Манасков, Велковски и Мишевски.