Лазаров доби засилување: Хрват од Бундеслигата ќе ги тренира македонските голмани!

Ракометната репрезентација на Македонија добива ново име во стручниот штаб на Кирил Лазаров, откако хрватскиот стручњак, Драган Јерковиќ, е промовиран во нов тренер за голманите во националниот тим.

Тој доаѓа со сериозно меѓународно искуство, со оглед што изминатите две сезони работеше во бундеслигашот Рајн Некар Левен, а од следната сезона ќе биде дел од стручниот штаб на Ерланген. Посебна тежина на ангажманот му дава фактот што Јерковиќ и Лазаров се поранешни соиграчи и пријатели, па повикот од селекторот бил доволен за Хрватот да ја прифати понудата.

„Голема чест и задоволство ми е што ќе бидам дел од македонската репрезентација во квалификациите за ЕП 2028, како и на СП 2027 во Германија“, порача Јерковиќ.

Новиот тренер за голманите верува во квалитетот на македонските чувари на мрежата и најавува максимален ангажман во периодот што следува.

„Особено ме радува работата со нашите голмани, бидејќи сметам дека имаме одличен спој на искуство и младост. Верувам во нивниот потенцијал и сигурен сум дека со заедничка работа можеме да направиме голем исчекор и да оствариме добри резултати“, додаде тој.

Лазаров со ангажманот на искусен стручњак од германскиот ракомет дополнително го засилува својот стручен тим пред важниот репрезентативен период.