Кузмановски: Сакаме победа против Гвинеја и пласман во втор круг на СП
Кузмановски кажа дека е среќен со освоениот бод на почетокот на првенството, а против Гвинеја ќе влезат максимално фокусирани.
„Нè очекува последен натпревар во групата. Го отворивме првенството со квалитетни противници и го дадовме максимумот со нив, а на крај сме среќни што освоивме бод против Унгарија. Сега ни следи дуелот против Гвинеја, која не треба да се потцени, туку треба сериозен пристап и победа за пласман во втора фаза. Кога ќе го споредиме европскиот ракомет и селекции кои доаѓаат од Африка, не треба да ги потцениме затоа што обезбедиле пласман на Мундијалот. Мислам дека дел од ракометарите на Гвинеја играат во француското првенство и ќе биде наш предизвик, верувам дека секој што е на првенството ќе даде максимум за својата држава“, вели капитенот.
Македонскиот репрезентативец имаше пофални зборови за навивачите, кои им даваат ветар во грб на натпреварите на СП.
„На почеток на првенството кога ги дознавме ривалите, веднаш почнавме со подготовки. Фокусот ни беше ставен на Холандија и Унгарија, навистина сакавме да победиме, мислам дека многу ќе ни значеше триумф против Унгарија зашто ќе се зголемеше самодовербата. Мислам дека нашата репрезентација има голем квалитет и тоа ќе го покаже. Сакаме победа против Гвинеја, а потоа очекуваме во втората фаза дуели против Австрија, Катар и Франција. Ќе одиме чекор по чекор, тие се квалитетни селекции, треба да бидеме максимално фокусирани. Мислам дека може да напредуваме, имаме голема поддршка од публиката и мислам дека можеме да стигнеме до победа до тие селекции. Сакам да се заблагодарам на навивачите, чувството е да се игра како во Скопје. Мислам дека и во Македонија е празник кога играме за репрезентацијата, ја чувствуваме големата поддршка“, посочи Кузмановски.
Македонија го игра следниот меч против Гвинеја утре од 18 часот.