
Да се гледа Македонија како урива рекорд на фудбалски стадион ќе чини - 1100 денари!
Дека ќе биде поставен нов рекорд за посетеност на еден ракометен меч, тоа не е спорно, имајќи предвид дека капацитетот на „Меркур шпил арена“ е 54.600 гледачи, а со сите прилагодувања за ракометен натпревар, од ЕХФ заокружуваат со одредницата „повеќе од 50.000 гледачи“. Она што нè интересира нас е дали рекордот би бил урнат уште на мечот Македонија - Франција, па потоа нека биде поставен нов на Германија - Швајцарија.
Досегашниот рекорд изнесува 44.189 гледачи, уште од 2014 година, кога Рајн-Некар и Хамбург се сретнаа на „Комерцбанк арена“ во Франкфурт во натпревар од Бундеслигата. Имајќи предвид дека ЕХФ продава дневни билети, а не билети по натпревар, секој што ќе плати за да ја гледа Германија со Швајцарија, ќе има можност да присуствува и на нашиот натпревар, па теоретски, можно е рекордот да падне уште кога на теренот ќе бидат момците во црвено-жолто.
Јасно е дека мнозинството гледачи ќе бидат Германци, но тоа не ја спречува и нашата дијаспора, макар и луѓето од Македонија, да отпатува на уникатно искуство во Диселдорф. Мисијата ја олесува податокот за цените на овие билети, кои не се спектакуларно високи. Најевтините дневни билети, од најниската категорија 6, се продаваат по цени од 18 до 25 евра.
Има билети и за подобри седишта по цени од 25 до 35 евра, во категорија 5, по 39 до 55 евра од категорија 4 или, пак, од 53 до 75 евра од категорија 3. Најскапите билети во најдобрите седишта ќе се продаваат по 129 евра, а секогаш тука се и пакетите од ВИП-боксот на стадионот, кои ќе се нудат по цена од 450 евра.
Продажбата на билетите ќе почне на 31 мај, а ќе се одвива онлајн, преко вебсајтот за билети Евентим, кој можете да го отворите на овој линк.