Чурлевски: Сега нема предавање, против секого ќе одиме „глава со глава“!

Натпреварот со Бахреин беше шанса за дебитантите во македонската репрезентација, првпат мундијалскиот паркет го почувствуваа Чурлевски, Танкоски, Серафимов, Крстевски, а двајца од нив постигнаа и гол.

Чурлевски и Серафимов станаа стрелци на СП, постигнувајќи по еден погодок во второто полувреме со Бахреин. Серафимов како 18-годишен сигурно се радува на почетокот на својата голема кариера, но и повозрасниот имаше причина да плива во емоции. Првпат по 20 години името Чурлевски беше запишано како мундијалски голгетер.

„Раул ми најави на полувремето дека ќе добијам поголема улога. Се обидов да ги извршам тие задачи што ми ги зададе, меѓутоа морам да признаам дека кај мене имаше еден наплив на емоции, мала трема, па може и малку паднав психички, може и подобро, сепак, ова е прв настап. Меѓутоа задоволен сум, најважно е дека победивме. Се чувствувам феноменално поради постигнатиот гол, се разбира, сакав и повеќе, но ќе имам уште можности.“, изјави Чурлевски.

Сега и тој и останатите помлади момци добија ветер во грб пред тешките мечеви кои следуваат, пред се со Хрватска утре во 18 часот.

„Околу нашите шанси, важно е дека ќе се бориме докрај, нема пред никого да се предаваме и со секого ќе одиме 'глава со глава', што се вели“, рече битолчанецот.