„Војводина игра многу агресивно и нема воопшто да ни биде лесно“
Кога веќе тргна да победува и гиганти како Монпелје и Веспрем, Вардар не смее да си дозволи киксови со тимови од понизок ранг, особено на домашен терен. Шампионот на Србија можеби е посиромашен од Вардар по квалитет, но сигурно нема да се штеди ни миг за да покаже што знае.
„Војводина е еден од најдобрите тимови во Србија во последните 4-5 години, имаат млад и добар тим и играат многу агресивно. Сакаат да покажат дека вредат, дека знаат да играат. Ние мора да се обидеме да го дадеме најдоброто од нас утре и да оствариме уште една победа. Ќе одиме ден по ден, меч по меч. Нема да биде лесно, нема да биде тешко како со Веспрем, но ако не се фокусираме од почеток до крајот ќе ни биде тешко“, вели тренерот Парондо.
Резултатите на Војводина говорат дека ова утре треба да биде лесен залак, бидејќи досега само го победија Железничар и трипати загубија, но Криштопанс потсети дека не е важен противникот, туку нивниот пристап
„Имаат многу млади играчи, сигурен голман. Ние фативме добро темпо во Лигата на шампионите сега треба да продолжиме со тоа и во СЕХА-лигата. Како што кажа и тренерот, треба да пристапиме максимално сериозно на секој натпревар и да одиме на победа“, рече летонскиот џин.
Мечот меѓу Вардар и Војводина се игра утре во 17.15 часот.