Победничката серија на Вардар продолжи и во мечот со Војводина, во петтото коло од СЕХА-лигата, дури и во ситуација кога добар дел од тимот одмораше.

Актуелниот шампион на СЕХА-лигата ја испрати Војводина со 33-26, правејќи ја победата убедлива во второто полувреме од мечот, кој го играше без Милосављев, Борозан, Мораес и без подолго повредените Горбок и Стоилов. Тогаш почнаа да функционираат сите елементи во играта замислена од Роберто Парондо, а коинцидентно или не, тогаш му тргна и на новиот голман, Алжирецот Калифа Гедбане.

Во првото полувреме тој имаше само три одбрани, па Вардар никогаш не поведе со повеќе од четири разлика, дозволувајќи ѝ дури на Војводина да доаѓа и на минус еден. Вторите 30 минути почнаа со 17-15 за Вардар и поведени од Гедбане, црвено-црните почнаа да градат предност. Во 42. минута беше 25-20, таа предност се зголеми дополнително со серија од 4-0, па победникот беше решен.

Тоа му дозволи на Парондо да ги ротира играчите и да ги одмори оние на кои ќе смета в сабота, во дуелот со Рајн-Некар, од Лигата на шампионите, а да им даде шанса на помладите. Гедбане го заврши дуелот со девет одбрани, а одличен меч одигра Киселјев, со девет гола од девет удари.Четири од четири имаше Чупиќ, а по три дадоа Војводиќ и Скубе.

Ова е петта победа за Вардар во пет меча во СЕХА, а 13. по ред, сметајќи ја и претходната сезона.