„Ракометот ќе се препороди по коронавирусот, а во фудбалот - доста переа пари!“

Многу лица од спортот ги кажаа своите ставови за коронавирусот, за судбината на спортистите и клубовите, за иднината на спортот воопшто. Се слушна гласот и на харизматичниот Веселин Вујовиќ, некогашен тренер на Вардар, актуелен предводник на Загреб.

Популарниот Вујо е „заглавен“ во Шабац, во моментов. Решил на кратко да го напушти Загреб за да помине време со своето семејство, но строгите мерки на Александар Вучиќ и српските власти го натераа да остане таму. Границите на Србија се затворени, а има полициски час од 17 часот до 5 наутро секој работен ден, а од сабота до понеделник од 13 до 5. Не му се допаѓаат мерките, но вели мора да ги почитуваме ако сакаме ова да помине, а добро е што побргу да помине.

Очекува дека и покрај финансиските последици кои ќе ги почувствува цело општество, не само спортот, ракометот како една посебна единка ќе добие многу од целиов хаос со коронавирусот. За разлика од фудбалот, кој сега се потпира на нереални и безобразни суми, Вујо очекува во ракометот да се изедначат силите. 

„Ова што се случуваше во фудбалот во последните неколку години не е нормално. Да за некој платите 100, 200 или 300 милиони евра, па кој сака нека е тој, мене тоа ми е еднакво на болест. Кога читам за тие дрски и безобразни трансфери многу пати помислувам дека таму се пере сериозна пара. Едноставно, не ми е нормално некој просечен фудбалер, со само една добра сезона да се обезбеди себе и своите потомци, додека од друга страна многу врвни, класа спортисти во ‘малите’ спортови мораат крваво да работат цела кариера за да имаат пристоен живот. Така што, навистина не ми е гајле што ќе се случи со фудбалот. Во ракометот, пак, мислам дека би можела да се случи прекрасна работа. Ќе дојде до изедначување на пазарот, ќе исчезнат ултрабогатите клубови и доминацијата на парите, ќе престане да постои монопол на неколку клубови, а ракометот ќе може да се врати на своите почетоци. По хаосов најмногу можат да профитираат стабилните, средни клубови како Загреб. Зошто Циндриќ и Карачиќ би оделе надвор, кога за истиот износ би можеле да се вратат дома? Да, ракометот од ова можемногу да профитира и ако биде така, на сцена ќе бидат повеќе клубови со исти амбиции, а тоа би било прекрасно“, вели Вујовиќ.