Поранешниот селектор на Македонија предвреме си замина од ППД Загреб!

Хрватскиот шампион ППД Загреб по само неколку месеци од новата сезона остана без првиот тренер, откако управата на клубот реши да ја прекине соработката со доскорешниот стратег Ивица Обрван.

Поранешниот селектор на Македонија минатото лето потпиша нов двегодишен договор со „плинарите“, но мораше многу предвреме да си замине. Причина за тоа се лошите резултати, со оглед што ППД Загреб во првите осум кола од Лигата на шампионите оствари само една победа и едно реми.

Капак на сѐ беше поразот пред неколку дена од Динамо Букурешт, кој дојде откако загрепчани ја имаа победата речиси во свои раце, но на крајот загубија со гол од пенал во последната секунда. Член на ППД Загреб е долгогодишниот ракометар на Вардар, Тимур Дибиров.