Криштопанс нема ништо скршено, изместено...се очекува да игра со Кјелце!

Вардар со големи проблеми во составот ја совлада Војводина (26-22) во СЕХА-лигата, а дополнителен хендикеп се случи по само две минути игра, кога Даинис Криштопанс го свитка скочниот зглоб на десната нога. Сепак, по натпреварот стигнаа охрабрувачки вести.

Едуард Кокшаров откри дека повредата на Криштопанс не е сериозна. Тој веднаш ја напушти играта, а тренерот откри дека ја напуштил и салатаи веднаш заминал на преглед.

„Криштопанс веднаш замина на снимање, рекоа дека нема ништо, само оток. Ќе мора да паузира, сепак, 2-3 дена, ќе видиме, се надевам ќе го имаме за средбата со Кјелце“, истакна Кокшаров.

Ќе биде од клучна важност неговото враќање, бидејќи е прв стрелец на екипата, а в сабота во Скопје гостува Кјелце. Во составот на Вардар уште вчера, против Мешков нредостигаа Атман и Горпишин, но се смета дека нивните повреди се пократкорочни, од таа, на пример, на Жозе Толедо, кој го оперираше коленото во август.

„Толедо би требало да се врати на крајот на ноември, да го имаме за натпреварот со Веспрем. Сепак, не можеме да бидеме сигурни, паузата е долга и не знаеме дали би ризикувале“, најави Кокшаров.