Кокшаров: И јас сакам голманите да имаат по 20 одбрани, ама...

Вардар ја совлада Војводина со 26-23 и одбележа еден од натпреварите со најмалку примени голови оваа сезона (против Татран 29-22). Тоа е многу важно за овој Вардар, бидејќи на останатите натпревари, а особено оние од ЛШ, просекот на примени голови е околу 30.

На ова прашање одговори уште Писонеро, пред да го сменат, по неговото отстранување работите не се сменија многу. Сега и Едуард Кокшаров немаше решение за проблемот, кој, за волја на вистината, вечерва не дојде до израз, бидејќи Артурс Кугис имаше 11 одбрани. Но затоа, вчера тој остана на нула за 15 минути, Гебдан одбрани четири топки за полчас, а задоволи само Кизиќ со 5 интервенции за 15 минути.

„И јас би сакал голманите да имаат по 20 одбрани на секој натпревар, но ако тоа го нема, мора нешто да менуваме, да играме некоја друга одбрана. Ако зборуваме за вчерашниот натпревар, конкретно, одигравме добро во напад, во одбрана правевме доста прекини и сепак освоивме два бода. Да не заборавиме дека имаме повредени играчи и затоа мора да бидеме паметни, да ги штедиме силите. Нашата цел е да се пласираме меѓу првите шест и да ја поминеме групната фаза, вистинското доаѓа после февруари, затоа ни требаат здрави играчи и за тогаш“, одговори Кокшаров.

За натпреварот, рече дека морал да се служи со она што го има на располагање, па комбинираше и експериментираше многу со составот.

„Веќе реков дека имаме свои планови за овој натпревар. Знаете дека имавме тежок натпревар синоќа, а имаме и многу проблеми со повреди, така што моравме да одмориме некои играчи и да ги штедиме силите. Успеавме да победиме, а тоа ни беше важно“, додаде Кокшаров.

Еден од оние кои понесе голем товар од 60-те минути на вечерашниот натпревар беше Домен Сикошек Пелко, словенечкиот пикер, кој постигна четири гола од шест обиди.

„Одигравме два силни натпревари по ред. Некои од играчите одиграа на максимум цели 60 минути. Се боревме и на двете страни и во напад и во одбрана, на крај победивме, ги освоивме трите бодаи тоа е тоа“, истакна Сикошек Пелко.