Кокшаров: Ако треба ќе играме и со голман на бековска позиција

Вардар вечерва повторно играше со „шарен“ состав, но победи против Мотор Запорожје со 44-37 во рамки на СЕХА-лигата. 

Нашиот тим има сериозни проблеми со повредените ракометари, па тренерот Едуард Кокшаров повторно мораше да игра со крила на бековска позиција. Ситуацијата е таква, па Русинот ги користи сите расположливи играчи, а вели дека против Кјелце во Лигата на шампионите би играл и со голман на бековска позиција. 

„Ние имаме две варијанти или се предаваме и не одиме или одиме да победиме. Ако треба ќе играме и со голман на бековска позиција“, изјави Кокшаров.

„Кажав и пред мечот дека имаме наши планови, но и проблеми. Екипата покажа добар меч, скоро 40 минути држевме главни играчи на терен и дојдовме до победа. Од бековската линија ни остана само Скубе, втор меч по ред крила ни играа како бекови. Но, ситуацијата е таква каква што е. Сега размислуваме за мечот против Киелце во ЛШ и се подготвуваме за тоа. “, додаде предводникот на „црвено-црните“.

Младиот голман Марко Кизиќ доби солидна минутажа вечерва и натпреварот го заврши со пет интервенции.

„Иако Мотор дојде во подмладен состав, даде голема борба во поголемиот дел од натпреварот. Не беше воопшто лесно да се победи, но, ете, успеавме, иако бевме и со неколку повредени играчи. Најважно ни е што победивме“, изјави Кизиќ.