Без многу драма и неизвесност, Вардар го совлада Мотор Запорожје во дерби-пресметката од групата А во Лигата на шампионите, со 44-37.

И двете екипи влегоа во натпреварот без многу стандардни ракометари, за Вардар ги немаше Криштопанс, Дисингер, Атман, Горбок, иако некои од нив беа на клупата. Мотор, од друга страна дојде без десетина ракометари, но тоа не му пречеше да се држи рамноправно со шампионот на СЕХА, барем, едно полувреме.

Мотор и водеше во неколку наврати, најстабилно делуваше во 25. минута, кога имаше 17-15, но Вардар и од ова се врати и со серија од 3-0 ја врати контролата и се погрижи на пауза да замине со 20-19. И овој пат Едуард Кокшаров не отстапи од новооткриеното, тајнооружје на Вардар, со Чупиќ како лев бек, Дибиров како лев, по потреба и со два пикера. Тоа функционираше добро, но повторно потфрли одбраната, на чело со голманите. Калифа Гедбан застанана 1/15, а по него Артурс Кугис имаше 0 од 6 и тој катастрофарлен ефект беше главен фактор за високиот број постигнати голови.

Работите се сменија во второто полувреме, кога на голот првпат застана Марко Кизиќ. Во првите четири напади на Мотор одбрани три удари и  на колегите од нападот им беше многу лесно да побегнат и да поведат со, дотогаш највисоки, 28-23. Предноста растеше до плус седум, таква остана и на кракот, а во игра со многу бркање по теренот и украдени топки, прв стрелец беше Тимур Дибиров со 11 гола од 14 обиди. Девет од девет имаше Иван Чупиќ, а Кизиќ запиша пет одбрани за 25 минути на голот. 

Со шестата победа во седум меча, Вардар сега е осамен на првото место на табелата во СЕХА-лигата, со 18 бода, три повеќе од Мотор, а зад нив се Војводина и Татран со по 12. Сега следи гостувањето во Кјелце во ЛШ, в сабота, а следниот дуел во СЕХА, црвено-црните ќе го играат на 3 декември во Нови Сад, против Војводина.