Хрватите го испратија Вујовиќ со три месеци - суспензија!

Дисциплинскиот судија при Хрватската ракометна федерација, донесе одлуки за големиот инцидент кој се случи на мечот меѓу Нексе и Загреб одигран на почетокот од април.

Натпреварот од хрватското првенство меѓу Нексе и Загреб беше прекинат во последната минута од првото полувреме. Загреб имаше предност од 16-9 кога се случи инцидентот. Делегатот на мечот, Анте Јосиќ падна на паркетот откако играчот на Нексе, Марко Безјак на поминување го удри со рамото во грб. Настана голема мешаница, а мечот беше прекинат и регистриран со победа на Загреб од 10-0.

Дисциплинскиот судија му изрече суспензија од една година на играчот на Нексе, Марко Безјак, а тренерот Веселин Вујовиќ доби забрана за извршување на тренерската функција од три месеци. Четири меча суспензија доби ракометарот Андраж Велкаврх.

Вујовиќ синоќа доби отказ од Нексе, повеќе не е дел од овој клуб.