Хаос во хрватското дерби: Ракометар на Веселин Вујовиќ го нокаутира – делегатот!

Големото ракометно хрватско дерби помеѓу Нексе и Загреб, кое денеска се одигра во Нашице, беше прекинато на седум секунди пред крајот на првото полувреме, поради голем инцидент во кој најдебелиот крај го извлече - делегатот.

Тоа беше натпревар кој од самиот почеток се играше под висока тензија и со постојани реакции на судиските одлуки, во кои особено жестоки беа тренерот на домашните, Веселин Вујовиќ и неговите избраници. Причина за тоа беше доминацијата на гостите од престолнината, кои постојано водеа поради што ракометарите на Нексе како што одминуваше времето стануваа се понервозни.

Сè кулминираше во последниот напад од првиот дел, кога Фахрудин Мелиќ постигна гол за домаќинот, но судиите го поништија и покажаа седмерец. Тогаш буквално експлодираше целата клупа на домашниот тим носена од навивачите на трибините, а потоа почна и туркање. Најлошо мина делегатот Анте Јосиќ, кој според „Спортске новости“ добил удар во грбот од ракометарот на Нексе, Марко Безјак, по што Јосиќ колабирал и останал да лежи на подот.

Лекарските служби го однеле во соблекувалната каде што му била укажана помош, а натпреварот бил прекинат, прво привремено, а набрзо потоа и трајно при водство на Загреб со 16-9.