Хаос на меч на Партизан: Млад ракометар тешко повреден, татко му влета на теренот (ВИДЕО)
Инцидентот се случи во 54. минута од натпреварот, кога Партизан имаше убедливо водство. По постигнатиот гол, белорускиот ракометар Владислав Кулеш остана со испружена рака, при што го удри Стојковиќ, кој настапува за Лавови и е кадетски репрезентативец на Србија.
Младиот ракометар остана да лежи на теренот, а по укажаната помош беше изнесен на носилки. Натпреварот беше прекинат повеќе од 20 минути, а на местото пристигна и екипа на итната медицинска помош. Особено тешка беше ситуацијата за семејството на Стојковиќ, чии родители беа на трибините и од непосредна близина го следеа настанот. Неговиот татко Растко, поранешен српски репрезентативец и освојувач на сребрен медал на Европското првенство во 2012 година, не успеа да ги контролира емоциите и влета на теренот, обидувајќи се да се пресмета со Кулеш.
За среќа, играчите и стручните штабови на двата тима брзо реагираа и го спречија понатамошното ескалирање на ситуацијата. Од Партизан по натпреварот упатија порака за поддршка до повредениот ракометар, посакувајќи му брзо закрепнување и што поскоро враќање на теренот.
„Нашите мисли се со Александар Стојковиќ, пивотменот на Лавови, кој по незгодниот удар и повредата беше изнесен на носилки. Ракометниот клуб Партизан му посакува брзо закрепнување и враќање на теренот“, објави белградскиот клуб.
Партизан на крајот славеше со убедливи 40-27, но резултатот остана во сенка на немилите сцени и повредата на младиот ракометар. Засега, во објавените извештаи нема дополнителни информации за неговата здравствена состојба.
*Инцидентот е на 1:23:24 на видеото