По две продолженија Муса ја одведе Хрватска во финале на ЕП 2020

Жељко Муса е херојот на Хрватска, откако постигна гол на пет секунди до крајот на второто продолжение против Норвешка и ја одведе својата репрезентација во големото финале на Европското првенство 2020 година. 

Во неверојатно тесен и неизвесен натпревар, што траеше цели 80 минути (две продолженија), победникот го реши една топка. Хрватите стигнаа до своето трето финале во историјата, а ќе го бркаат првото злато, единствено што им недостига од големите натпреварувања.

Норвешка го имаше водството во почетните минути се до резултат 4-3, а потоа Хрватска беше таа што го диктираше темпото и резултатот. „Коцкестите“ имаа највисоко водство од +3, а на паузата заминаа со 12-10.

Момците на Лино Червар уште еднаш имаа водство од три разлика (15-12), но следуваше одлична серија од 5-1 на Норвешка. Едни од домаќините на турнирот ги искористија неколку грешки и промашувања на противникот за да го свртат резултатот во своја корист, но не за долго. Се играше неизвесно до самиот крај, а одличен беше резервниот голман Матеј Ашанин, кој успеа да одбрани два пенали.

Хрватска го имаше последниот напад за победа. „Коцкестите“ имаа 20 секунди да организираат напад, но комбинираа многу лошо па Дувњак мораше да бие од очај во последната секунда, топка што лесно ја скроти Бергеруд за конечен резултат 23-23. 

Во првото продолжение, по петте минути имаше по еден гол на двете страни, а потоа Домагој Дувњак реализираше пенал во последната секунда за да израмни на 26-26 за да се избори за уште едно продолжение од два пати по пет минути.

Двете репрезентации имаа шанси да победат, но неочекуван херој беше Жељко Муса, кој истрча во напад по стативата на Норвешка во претходниот напад и го постигна последниот гол на натпреварот за конечни 28-29. Интересно за Муса ова беше само трет погодок на турнирот, бидејќи најчесто игра во одбрана. 

Домагој Дувњак со осум голови беше најефикасен кај победниците, Марино Мариќ имаше шест, додека Златко Хорват запиша четири. Марин Шего забележа 11 интервенции на голот, а Матеј Ашанин две и двете од седум метри. Кај Норвешка, очекувано најдобар беше Сандер Сагосен со 10 голови, додека голманот Ситруп Бергеруд имаше 14 одбрани.

Хрватска во големото финале ќе игра со подобриот од вториот полуфинален дуел што се игра вечерва помеѓу Словенија и Шпанија.