ЖРК Чаир со подобра игра до победа против Колеџио Де Гаја во Еврокупот

Eкипата на ЖРК Чаир славеше победа во првиот натпревар од шеснаесетфиналето од Еврокупот на ЕХФ со 29-25 против тимот на Колеџио Де Гаја од Португалија.

Во првото полувреме ракометарките на Чаир имаа минимално водство од 16-15, но во вториот дел со одлична игра и серија од 8-2 стигнаа до посериозна предност.

Португалките не се откажаа и пред последните десет минути се вратија на два негатива (21-23).

Ракометарките на македонскиот претставник одново беа подобри во последните десет минути и заслужено дојдоа до победата.

Теодора Гуличоска беше најефикасна со 12 гола, додека по шест постигнаа Дукоска и Ѓорѓиевска. Вториот натпревар на програмата е утре од 16:00 часот.