Вујовиќ: Вардар не личеше на себе, жал ми е што потфрливме!

Вардаровиот тренер Веселин Вујовиќ посочи дека црвено-црните потфрлиле во секој дел вечерва и заслужено го загубија мечот од француски Монпелје со 25-31 во четвртото коло во ЛШ, што е прв пораз за македонскиот првак сезонава.

Вардар влезе полн со амбиции за нова победа после одличниот старт на сезоната со две победи и реми, но вечерва од почеток имаше проблеми, а безбројните грешки му донесоа на противникот лесни голови и на крај лесна победа.

„Честитки за Монпелје, заслужено победија, зашто во ниту еден момент, во ниту еден сегмент ние не париравме како што знаеме. Вардар не личеше на себе, не беше тој Вардар од првите три меча кога одигравме одлично. Жал ми е, зашто потфрливме, а посебно ми е жал после една ваква атмосфера во која игравме и која беше фантастична. Монпелје го победи Кил, доаѓа од Франција и игра врвен ракомет, па јас се плашев од нив, а се виде дека како тим комплетно потфрливме. Треба сега да анализираме зашто потфрливме, но ќе мора да се кренеме и да продолжиме понатаму. Ова е долг пат“, рече Вујовиќ.