Велковски: Неверојатната публика ни даде енергија за овој успех!

Еурофарм Пелистер ја забележа третата победа од шест меча во Европската лига и се качи на второто место во групата Д, а сето тоа беше проследено од верната публика на битолчани.

Актерите на вечерашниот натпревар рекоа дека публиката била важен фактор за победата, заработена во второто полувреме. Тогаш Спортинг падна и резултатски и психолошки, а Пелистер ги грабна бодовите.

„Спортинг одигра два одлични натпреварa, беше тешко да се игра против нивната агресивна одбрана. Имавме со нив проблеми и во Лисабон, но знаеме каков пат ги чекаше дотука, имаат доста густ распоред, исто како и ние. Во вториот дел тие паднаа физички, а ние имавме неверојатна публика која ни даваше енергија да го направиме овој голем успех“, изјави Мартин Велковски.

Според тренерот Жељко Бабиќ, клучна била играта во одбраната, со неа Е. Пелистер личи на вистинска европска екипа.

„Сакам да им ги честитам празниците на гостите од Португалија, тоа е секако пред ракометот, а што се однесува до дуелот против Спортинг, морам да кажам дека сум горд на моите ракометари и на начинот на кој тие играа. Играта во одбрана во вториот дел беше одлична и покажавме дека сме вистинска екипа со оваа серија од пет натпревари без пораз во Европа“, истакна Бабиќ.

Во Европската лига остануваат уште четири кола, во кои Е. Пелистер треба да игра на гости во Ним и кај Татабања и дома со Кадетен и со АЕК. Целта сега не е само место на едно од четирите места кои водат во осминафиналето, туку и позиција што погоре, за полесен противник напролет.