Вардар сигурен осминафиналист во ЛШ - без игра!

Македонскиот ракометен првак и поранешен двоен европски шампион, Вардар без игра загарантирано е во осминафиналето во Лигата на шампионите, откако Кил вечерва го победи ППД Загреб со 28-27. Со овој пораз хрватскиот првак нема како да ги престигне црвено-црните, иако во моментов Вардар има само еден бод повеќе, а и двете екипи треба да одиграат уште по еден меч.

Вардар не го одигра својот меч со Мешков Брест, кој беше откажан после руската агресија врз Украина, но како и да се реши ситуацијата после исфрлањето на руските и белоруските тимови, вардарци во најлош случај би добиле еден бод со службено реми.

Тогаш би имале два бода повеќе од Загреб и подобар меѓусебен скор само поради повеќе гостински голови (победа 20-19 во Скопје, пораз 22-23 во Загреб). Можно е ЕХФ да реши да ги избрише сите натпревари на Мешков Брест, но и во таква ситуација Загреб ќе загуби повеќе бодови.

На крајот на денот, во следното коло Вардар игра дома со Елверум, а Загреб на гости кај Алборг.

Работите ќе беа поинакви ако на Хрватите им успееше сензација против Кил. На полувреме имаа три предност, на стартот на вториот дел и плус четири, но Германците успеаа да се вратат, а при 27-27, Харалд Рајнкинд даде гол на секунди пред крајот за победа.

Домогој Дувњак и Рајнкинд со по пет гола беа најефикасни кај Кил, Сандер Сагосен и Патрик Виничек дадоа по четири, додека Давид Мандиќ со осум погодоци беше предводник на загрепчани, а екс-вардарецот Иван Чупиќ даде пет гола.