Вардар потврди дека нема да патува ни во Порто

Тоа што уште вчера беше јасно дека македонскиот ракометен првак Вардар нема следната недела да ги игра двете врзани гостувања, после нова појава на заразени играчи во тимот, потврда доби официјално денеска со откажувањето на гостувањето кај Порто, три дена после предвидениот меч со ПСЖ.

Во Вардар се појави повторно коронавирус после мечот со Кјелце и вториот пораз од полскиот тим на гостувањето, па целиот тим сега повторно е во карантин, а со тоа се одложуваат овие два меча со ПСЖ и Порто, вкупно четири досега, откако рпетходно не се одигра дуелот со Елверум во Скопје, откако Норвежаните побараа такво нешто поради 14-дневниот карантин што мора да го минат ако дојдат во Македонија и со ПИК Сегед, откако во унгарскиот тим на стартот на сезоната имаше позитивни на ковид-19.

Според најавите, прв следен меч на Вардар треба да е дуелот со францускиот гигант ПСЖ во Скопје закажан за 10 декември. Новото соопштение на црвено-црните поради новите позитивни случаи ви го пренесуваме во целост.

„Откако беше откажано гостувањето кај ПСЖ планирано за 1 декември поради појава на Ковид-19 меѓу неколку членови на тимот, одложен е и вториот натпревар што требаше да го играме, против Порто на 4 декември во Португалија. Со оглед на тоа што се работи за две врзани гостувања очекувано беше дека и двете гостувања ќе бидат одложени и ќе се бара друг датум на одигрување на натпреварите во согласност со екипите и ЕХФ.

По враќањето од Кјелце, Полска каде Вардар 1961 во средата го одигра својот меч од ЕХФ лигата на шампионите, еден наш ракометар се пожали на зголемена телесна температура. Истиот беше тестиран по што беше утврдено дека има позитивен тест. Веднаш беше тестирана целата експедиција што беше во Полска и позитивни тестови имаа уште неколку наши членови. Според протоколите сите ќе бидат во 14 дневна изолација како што е прошишано од здравствените власти.

До крајот на првиот дел од сезоната во ЕХФ лигата на шампионите останува според планот да се игра средбата со ПСЖ на 10 декември во Скопје. Одложени се досега четири средби на ВАрдар 1961 во групната фаза од ЕХФ лигата на шампионите: Со Елверум во Скопје, и три гостински натпревари, со ПИК Сегед, ПСЖ и Порто“, се вели во објавата на Вардар.

Одложен и натпреварот со Порто Откако беше откажано гостувањето кај ПСЖ планирано за 1 декември поради појава на...

Posted by RK Vardar 1961 on Saturday, November 28, 2020