Вардар осакатен ќе бара излез од црната серија во ЛШ

Македонскиот шампион Вардар вечерва од 20.45 часот ќе се соочи против Пик Сегед во рамки на осмото коло во ракометната Лига на шампиони (ЛШ), а тренерот Веселин Вујовиќ направи неколку промени во екипата, па така „црвено-црните“ осакатени ќе бараат излез од црната серија во елитата.

Вујовиќ во денешниот меч нема да смета на Борко Ристовски, Мартин Карпалевски, Марко Мишевски и Куни Моралес, додека во составот се врати Жереми Тото, а во екипата шанса ќе добијат и младите ракометари Васил Гогов и Давид Савревски. Добра вест е тоа што Тимур Дибиров ќе стисне заби и ќе им помогне на соиграчите иако една недела се справуваше со вирус.

Пик Сегед, од друга страна, не направи ниту една промена од претходниот натпревар со Вардар, па ќе настапи со истите 16 ракометари. Ова е шесто гостување во Скопје на Унгарците во последниве шест години, досега четири пати загуби и само еднаш извојува триумф.

Вардар има четири порази по ред во елитното натпреварување и се надева дека конечно ќе ја прекине лошата серија. Во моментов имаат пет бода и се наоѓаат на шестата позиција, додека зад „црвено-црните“ се ППД Загреб со четири и Мешков Брест со по еден бод.

Лидер во групата А е Монпелје со 13 бода, па следи Кил со 11, Алборг и Пик Сегед имаат по 10, додека Елверум освои осум бодови.