Вардар игра за втора фаза од ЕЛ – против тимот што го гази каде и да го сретне!

Екипата на Вардар вечерва го има едно од клучните гостувања во групната фаза од Европската лига на ЕХФ и тоа кај шведскиот Кристијанштад (18.45) во меч во кој евентуален триумф би значел и речиси сигурно обезбедување пласман во следната рунда.

Вардар успешно го отвори натпреварувањето со две победи - дома против Сесвете, а потоа и на тешкото гостување кај Тулуз – па со нов гостински успех составот на Иван Чупиќ би направил значаен чекор напред во мисијата за враќање во европскиот врв. Еден од проблемите за „црвено-црните“ ќе биде отсуството на Вуко Борозан, кој се повреди на последниот меч со Алкалоид, што ја намалува ротацијата во бековската линија.

Историјата, пак, му оди во прилог на Вардар, кој во европските купови има максимален биланс во пресметките со ривалот од Шведска – осум победи на осум натпревари. Кристијанштад сезоната ја почна со победа над Тулуз, но потоа следуваше неочекувано реми против Сесвете поради што во дуелот со вардарци влегува со императив за триумф.