Турнир од соништата: Вардар со само три победи може да заработи – 400.000 евра!

Ракометарите на актуелниот европски и македонски шампион Вардар имаат голема можност директно да влијаат врз подобрување на финансиската ситуација во клубот, откако излегоа деталите за неофицијалното светско клупско првенство Супер Глоуб на кое со само три победи ќе може да заработат фантастични 400.000 евра.

Оваа сума е наградата предвидена за победникот, а според системот на натпреварување, црвено-црните ќе се вклучат директно во четвртфиналето. Покрај Вардар, на турнирот во Саудиска Арабија ќе настапат уште и Барселона како бранител на титулата, домаќинот Ал Вехда, катарски Ал Духаил (шампион на Азија), египетски Замалек (шампион на Африка), бразилски Таубате (шампион на Јужна Америка), Њујорк (шампион на Северна Америка), Сиднеј (шампион на Австралија), саудиски Ал Мудхар и германски Кил (вајлд-карта).

Во првата фаза силите помеѓу себе ќе ги одмерат екипите со вајлд-карта како и Њујорк и Сиднеј, а победниците од овие пресметки ќе им се приклучат на останатите шест тима во четвртфиналето. Наградата за второпласираниот изнесува 250.000 евра, додека третопласираниот тим ќе заработи 125.000 евра.

Турнирот почнува на 27 август.