Титулата стана полнолетна, пред 18 години Кометал ги допре ѕвездите! (ВИДЕО)

Денешниот датум значи крунисување за македонскиот ракомет, ден кога докажавме дека и од една мала земја може да се посегне и да се допрат ѕвездите. Денеска е денот кога Кометал Ѓорче Петров ја покори Европа.

Со застрашувачка генерација, сигурно не најплатена во Европа, ама убедливо со најголемо срце, Кометал токму на 19 мај стигна до она што му беше запишано во судбината - порано или подоцна да стане шампион на Стариот континент. Годината беше 2002, две откако на истиот датум го одигра првото финале, против хегемонијата Хипо и загуби.

Но, 2001-02 беше вистинската сезона, со Луминица Дину на голот, со Наталија Малахова (подоцна Тодоровска), со Андријана Будимир и се разбира, 'рбетот на тимот во името на вонсериската Индира Кастратовиќ. На 19 мај се одигра реваншот против Херц Ференцварош, во „Кале“, откако првиот меч осум дена претходно заврши со 27-25 за Унгарките.

Јасно ни беше на сите дека тие два разлика се отворена порта до пехарот, а бестрашните девојки предводени од Александар Панов на клупата требаше само да измаршираат до него. Победија со 26-22 и ја расплакаа Македонија. Од среќа.

Три години подоцна Кометал и третпат стигна до финалето, но тогаш данскиот Шлагелсе беше незапирлива машинерија, во чии редови одлично се вклопи и нашата Валентина Радуловиќ. Неколку години подоцна тимот се распадна и замина во историјата, но ја оствари својата цел и создаде еден незаборав.