Талески: Добро го познаваме Брест, нивна предност е играњето пред - публика!

Вардар утре започнува со натпреварите во новата сезона во Лигата на шампиони и на стартот има гостување кај Брест Мешков во Белорусија. 

Левиот бек Филип Талески вели дека „црвено-црните“ се максимално подготвени за стартот на новата сезона. Брест Мешков е познат противник, но предноста на домаќинот ќе биде фактот што натпреварот ќе се игра пред навивачи. 

„Почнува новата сезона во Лигата на шампиони. Се соочуваме со добро позната екипа против која Вардар изминативе години има одиграно многу натпревари во СЕХА-лигата и Лигата на шампиони. Се знаеме добро и минатата сезона се сретна Вардар со Брест Мешков, оваа година ги гледавме на фајнл-форот во СЕХА. Максимално сме подготвени, но малку е невообичаено што овие неколку натпревари што ги имавме сезонава ги игравме без публика, што за нас е малку чудно, но таму ќе има навивачи и за нив тоа е плус. Вардар изминативе години покажа дека нема тежок терен, дали тоа било во гости или дома, ракометарите на овој тим секогаш го даваат максимумот и на терен го покажуваат карактерот, каде и да се игра, се игра до последна минута. Се надевам на добар резултат и да се отвори сезоната со позитивна атмосфера. Изминатиот период доста ја анализиравме нашата игра и секако играта на противниците, така да мислам дека веќе сме свесни што не чека и што значи да се игра за Вардар“, изјави Талески.