Србија експлодираше во финишот за да го сруши светскиот првак

Ракометарките на Србија славеа против актуелниот светски првак Холандија со 29-25 во рамки на 1.коло во Групата Ц на Европското првенство, што се одржува во Данска. 

Нашиот северен сосед одигра неверојатно второ полувреме, бидејќи по првите 30 минути имаше негатива од 15-9. Холанѓанките одржуваа шест голови предност до резултат 22-16, кога Србија го почна пресвртот. Следуваше фантастична серија од 7-0, по која го презема водството и истото не го испушти до самиот крај, па дури и го зголеми за победа од 29-25.

Мора да се истакне дека пресвртот Србинките го направија и без една од своите најдобри ракометарки Андреа Лекиќ, која во финишот на првото полувреме заработи тешка повреда и на носилка го напушти теренот. 

Катарина Крпеж-Шлезак одигра неверојатен натпревар за Србија со 11 постигнати голови. 

Во Групата Б, Шпанија и Шведска ремизираа 23-23 во рамки на 2.коло.