ПСЖ убедлив против Динамо, Алборг ја прекина серијата на ПИК Сегед

Пари Сен Жермен ја оправда фаворитската улога и вечерва славеше победа на гости кај Динамо Букурешт со убедливи 33-40.

Избраниците на Раул Гонзалес беа одлични во нападот и Романците не успеаа да пронајдат решение за нивната игра. Немаа свој ден и голманите на Динамо кои запишаа само три интервенции (Јанку две и Цупара една).

Оваа победа за ПСЖ значеше и прекин мини-серијата од два порази во европската елита.

Најефикасен на средбата со девет гола беше Холм, додека Јахија постигна осум, колку што имаше и Али на спротивната страна. Голманот Јаник Грин натпреварот го заврши со девет интервенции.

Во вториот натпревар во истиот термин Алборг беше подобар од ПИК Сегед со 30-32 со што стави крај на серијата од три победи во низа на Угарците. По осум гола постигнаа Арнолдстени Турин, додека за домаќините Шоштариќ постигна дури 12 гола.