Промашните пенали и фантастичниот Бирлем спречија радост на Алкалоид (ФОТО)

Бундеслигашот Хановер го расипа славјето во Автокоманда откако вечерва славеше и во реваншот против Алкалоид, со 29-28, во квалификациите за Европската лига на ЕХФ.

Германците уште минатата недела ги решија сите дилеми околу победникот со триумфот од 10 разлика (37-27), но скопскиот клуб се надеваше дека со победа против славен ривал ќе ги почести своите навивачи на денот кога го добија својот прв европски пехар. Малку недостасуваше да се случи тоа, но неколку почетнички грешки и промашени пенали не дозволија да се израдуваат ракометарите на Алкалоид.

Хановер доминираше во текот на целото прво полувреме, имаше и шест разлика предност (12-6), но на голем одмор се замина со израмнет резултат (14-14). Гостите и на почетокот од вториот дел повторно водеа, за со серија од 5-0, Алкалоид првпат да премине во водство, со 19-17. Гол за гол се играше до 55. минута, а по 27-27, Хановер постигна два гола во низа, Ѓоргиев промаши пенал, а Костески зицер и гостите се израдуваа на уште еден триумф.

Урош Борзаш беше најефикасен со осум гола, Тордарсон додаде седум, а Костески пет, но нашите ракометари погодија само еден од петте пенали колку што изведоа на овој меч. Фишер со осум гола го предводеше Хановер, но многу поголем придонес имаше голманот Брилем кој оствари дури 17 одбрани, вклучувајќи неколку зицери и одбранети пенали.