Сабаленка ја одбрани титулата на УС Опен

Белоруската тенисерка Арина Сабаленка успеа со Гренд слем трофеј да ја заврши сезоната откако вечерва во финалето на УС Опен ја совлада Аманда Анисимова од САД со 2-0 (6-3, 7-6).

Сабаленка годинава се пласира во финалните натпревари на три од четирите Гренд слема, но во Мелбурн загуби од Медисон Кис, а во Париз од Коко Гоф, па денеска беше последната шанса да освои турнир на најголемите турнири. Доминираше против Анисимова во секој поглед, можеше мечот да го заврши порано бидејќи во вториот сет имаше брејк предност, ама Американката се врати во игра и се избори за тајбрејк во кој, сепак, подобра беше Сабаленка.

За белоруската тенисерка ова е четврти Гренд слем трофеј во кариерата, два има во Мелбурн и два во Њујорк. Анисимова се уште нема титула на овие турнири, но денешниот резултат е голем напредок ако се знае дека пред два месеца на Вимблдон загуби во финалето од Швјонтек со 0-6, 0-6. Утеха треба да ѝ биде тоа што дојде до најдобриот пласман во кариерата, четвртото место на ВТА листата.