Последна парада на Еурофарм работник, Бидасоа може да се победи за крај на ЛШ!

Еурофарм работник денеска (17.30) ќе се прости со Лигата на шампионите за оваа сезона, во последниот домашен натпревар, против Бидасоа Ирун. Воедно, ова ќе биде последен официјален натпревар на тимот регистриран под тоа име во ЕХФ, со оглед дека вчера беше потпишан договор за спојување на Пелистер и Еурофарм.

Бидејќи одамна завршија шансите за што повисок пласман во групата, на битолчани им останува да играат за „обичната“ страст кон ракометот и за желбата да го покажат најдоброто пред својата публика. Обидите за победа ќе бидат помогнати од фактот што Бидасоа веќе го завери првото место во групата Ц и може тотално да калклулира и да поштеди дел од ракометарите. Сепак, ако сакаат да победат македонските вицепрваци ќе мора да се потпрат и на сопствената игра, не само на отсуството агилност кај противникот.

Меѓутоа, кај нив прашање е во какво светло ќе се покажат во ситуација кога првпат се без Стевче Алушовски на клупата. Тој доби отказ минатот викенд, а овој меч ќе го водат Мојсов и Соколески од клупата.

Специјалистот за дефанзива Милорад Кукоски се врати во тимот, а шанса ќе добие Градимир Чаневски како алтернатива на незаменливиот Никола Митревски, што значи Благојче Трајковски ќе одмора. Еурофарм има четири бода пред овој меч, на последното место во групата Ц, со шанса да напредува барем една позиција, но само ако Татран Прешов дома загуби од Кокс во ова коло.

Управата денеска ги извести навивачите дека ова ќе биде последен меч под името Еурофарм работник и со тие амблеми и бои, а веќе во вторник, против Загреб во СЕХА-лигата ќе бидат Еурофарм Пелистер.