ЕХФ го одложи мечот помеѓу Вардар и Елверум!

Ракометарите на Вардар в четврток нема да го одиграат мечот од второто коло од Лигата на шампионите (ЛШ) против Елверум, откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) реши да го одложи овој натпревар на барање на гостите од Норвешка.

Македонија е на норвешката црвена листа со голем процент заразени со Ковид-19, поради што секој што ќе патува во нашата држава ќе мора да замине во 14-дневен карантин по враќањето дома. Тоа важи и за ракометарите на Елверум, кои ако би дошле да играат во Скопје, би морале да ги одложат сите домашни и европски средби во следните две недели.

ЕХФ уште пред почетокот на сезоната најави флексибилност за вакви ситуации и без проблеми реши да го одложи мечот, а за новиот датум на одигрување ќе се реши подоцна, по контактите со двата клуба и со надлежните во двете држави.