По Карачиќ и Циндриќ, нов хрватски среден бек во Вардар!

Вардар е при крај со обликување на подновениот тим, под водство на Михајло Михајловски, а најновото засилување во него треба да биде Хрватот Анте Гаџа.

Станува збор за среден бек, кој минатата сезона играше во ППД Загреб, а претходните пет во Нексе. Ќе полни 28 години во август, има 194 сантиметри, а во сезоната која помина се истакна како прв асистент на Загреб и петти во целата СЕХА-лига (29 асистенции на 12 меча).

Гаџа би требало да пристигне на позицијата која се испразни со заминувањето на Сташ Скубе во Мешков Брест и за која беше на пат кон Скопје Португалецот Мигел Мартинс. Сепак, црвено-црните не се спогодиле со играчот на Порто, па нашле замена во Хрватот Гаџа.

Со доаѓањето на Гаџа и со денешниот потпис на Гоце Георгиевски, Вардар има, барем, по двајца ракометари на сите позиции, освен на десната бековска, каде што го донесе Томислав Јагуриновски.