Пелистер со една промена во тимот ќе бара изненадување во Лисабон

Еурофарм Пелистер има шанса вечерва да покаже дали неговата форма е толку созреана, да може да конкурира за највисоката позиција во групата Д од Европската лига на ЕХФ. Од 20.45 гостува на теренот на Спортинг, актуелниот лидер, кој досега покажа слабост и запиша еден пораз во четирите кола.

Исто како и македонскиот вицепрвак и португалскиот покажа дека тешко може да се справи со Ним и во третата рунда беше поразен во Франција, со 33-27. Тоа им дава надеж на битолчани дека нивниот вечерашен домаќин е ранлив и има мани, потребно е само да ги искористат, притоа играјќи дисциплинирано според насоките на Жељко Бабиќ.

Тој ќе се обиде што е можно повеќе да ја забави играта бидејќи Спортинг е тим кој функционира во еуфорија, во мног трчање и постигнува лесни голови. Одбраната ќе биде важна, но ќе значи многу и реализацијата во шансите за контра или зицери кои ќе му се укажат на Е. Пелистер.

Во составот се врати Бојан Маџовски, на местото на Дејан Кукуловски, што претставува единствена замена во однос на победата над Татабања во минатото коло. Спортинг и Е. Пелистер досега се сретнаа двапати во Лигата на шампионите, пред две сезони, а Португалците победија и на двата меча.

 

ТАБЕЛА: Спортинг 6, Е. Пелистер 5, Ним 5, АЕК 4, Кадетен 2, Татабања 2.