Парондо: Полека, победивме само три меча, а има 14!
Вардар не беше вбројан ни во десетте први фаворити во ЛШ, а сега игра како тим со квалитет за Ф4. Европа можеби го сврти погледот кога го симна на колена европскиот првак Монпелје, но задолжително се вџаши кога го надигра и Веспрем во една од најжешките арени на континентов. Сепак, Парондо ја задржа скромноста и вели дека ова уште не е ништо.
„Имавме добар почеток на ЛШ, победувавме во Монпелје, победувавме во Веспрем, но тоа е минато. Им кажувам на играчите сега да гледаат на следниот натпревар, сега имаме два нови натпревара и треба да се фокусираме на нив. Ако играчите продолжат да се борат како што се бореа досега можеме да победуваме и понатаму. Меѓутоа мора да го одржиме високиот интензитет и борбеноста и играчите да бидат фокусирани како и досега. ЛШ е многу тешка, со многу квалитетни тимови и мора да играте постојано на високо ниво. Ние победивме само на три меча, а има 14“, вели Парондо.
Следен предизвик за Вардар е Рајн-Некар, в сабота во Скопје, а на 14 октомври му гостува на Кјелце.