Олимпијакос повторно преслушан - Охрид е полуфиналист во Европскиот куп!

Македонскиот суперлигаш Охрид влезе во елитното друштво на клубови од земјава кои стигнале до полуфинале во некој од европските купови.

Охриѓани денеска по вторпат го совладаа Олимпијакос со 25-24 и обезбедија пласман меѓу четирите најдобри во Европскиот куп на ЕХФ. Клучен се покажа триумфот во првиот меч во Пиреја каде нашиот претставник триумфираше со пет гола разлика.

Денешниот дуел беше далеку потврд од првиот на кој беа постигнати 57 гола. Контролата над резултатот во првото полуувреме главно ја имаше Охрид кој во 24. минута стигна до највисоки +4 (14-10). Олимпијакос се консолидира, до одморот намали на два разлика, а во 38. минута израмни на 16-16.

Охрид не дозволи целосен пресврт, уште некое време ја контролираше играта, но Олимпијакос сепак дојде во водствово 56. минута кога поведе со 23-22. И покрај тоа, време за победа од пет разлика немаше, Охрид успеа пак да го сврти резултатот во своја корист, а со тоа и да ја задржи предноста од првиот меч и да оствари уште еден историски резултат и за себе и за македонскиот ракомет.

Најефикасен во охридскиот тим беше Анте Иванковиќ со осум гола, Јагуриновски постигна четири, а Борозан три. Голманот Кристијан Пилиповиќ се истакна со 12 одбрани. Заедно со Охрид, познати се три полуфиналисти во Европскиот куп каде ќе играат уште Цеље од Словенија и Татабања од Унгарија. Последниот учесник во претпоследната фаза ќе биде познат утре кога Карвина и Извиѓач ќе го одиграат реваншот, а босанскиот тим има предност од пет разлика од првиот натпревар на домашен терен.