Вардар ја запиша првата победа во Лигата на шампионите оваа сезона, надигрувајќи го Мешков Брест со 35-27, воден од фантастичните нови засилувања, во прв ред Кевин Њокас, Моралес и Томовски.

Се врати Вујо - се врати и Вардар! Но ова вечерва во „Јане Сандански“ не беше ниту Вардар на Вујо од пред една деценија, ниту некоја верзија од шампионскиот Вардар во Келн, туку една нова смеса од гладни нови ракометари и иускусни столбови за кои лимитот ќе остане прашање. Уште во првото полувреме потенцираа дека се недоискажани по она реми во Норвешка од првото коло и со мераклиска креативност во нападот почнаа да се одлепуваат со 6-2 по десет минути игра.

Набргу и одбраната почна да го прави своето, принудувајќи ги збунетите Белоруси да грешат, а се пријави и Мартин Томовски дека е присутен бранејќи зицери. Вардар вистински надојде по 23. минута, кога направи серија од 4-0, а потоа поведе и со максимални плус седум. Само поради гол примен со звукот на сирената на паузата важеше 19-12. 

Во вториот дел, очекувано, настапија минути на криза, Мешков почна да се консолидира и со четири гола едноподруго најави враќање во мечот. Веселин Вујовиќ се откажа од играта „7 на 6“ во напад и наместо тоа го вметна Дибиров како среден бек, а Анте Гаџа го помести на лев. Иако почнаа со грешки, оваа комбинација почна да функционира фантастично, продуцирајќи голови не само од нив двајца, туку и од останатите, во прв ред од десните бекови.

Кевин Њокас и Јоел Моралес го завршија натпреварот со 8/8 односно 5/5, без да утнат ниеден од 13-те шута и тоа беше главната причина за извонредната реализација на „вардарци“ од 81 процент. Отпорот на Мешков заврши некаде во 50. минута, без да успее да намали помалку од три гола негатива, а потоа Вардар го запечати мечот. Покрај Њокас и Моралес, кај стрелците се истакна и Дибиров со пет гола, а Гаџа имаше четири од четири. Приказна за себе е Мартин Томовски со 11 интервенции, а Али Сефер, кој го замени во завршните 10 минути постигна и еден гол, покрај двете интервенции. Кашпарен беше најефикасен кај Мешков со шест гола.