Ненадиќ: За да победите во Скопје, мора да одиграте - фантастично!

Најдобар поединец на натпреварот Вардар - Веспрем (29-38) беше Петар Ненадиќ, со 11 гола, од кои дури девет во првиот дел. 

Сепак, српскиот бомбардер беше голем во изјавата по мечот и не направи да изгледа дека Веспрем „се прошетал“ во „Јане Сандански“, велејќи дека секогаш е посебно да се победи овде.

„За еден тим да победи овде, треба да одигра фантастичен натпревар. Мислам дека ние го направивме тоа, одигравме одличен меч. Не сум премногу среќен, затоа што се повреди нашиот соиграч Тенесен, сепак, вториот дел од сезоната продолжува во февруари, дотогаш ќе има време за опоравување. Секогаш е задоволство и чест да се игра овде во Скопје, така беше и вечерва“, рече Ненадиќ.

На победата посебно се израдува и Давид Дејвис, некогашниот асистент на Раул Гонзалес во Вардар.

„Комплициран меч за нас поради повредените играчи, но среќен сум дека дојдов во Вардар и дојдовме до убедлива победа со девет гола. Нашата група е многу изедначена, и среќен сум со оваа победа и бодовите и што вака добро ја завршуваме сезонава“, рече Давид.