Напишана е историја во Битола - прва победа во ЛШ за Еурофарм!

Еурофарм работник ја оствари првата победа во Лигата на шампионите дури во четвртиот обид од нивната дебитантска сезона. Такви беа и очекувањата пред натпреварот со Кокс, денеска во Битола, но до радоста стигнаа многу потешко од што се надеваа.

Како што губеше досега, така и победи, Еурофарм беше подобар од Кокс минимално, со 31-30. По рецептот на претходните три кола, кога губеа со по еден разлика од Спортинг, Савехоф, Бидасоа, битолчани и овој пат одиграа одлично прво полувреме во кое ја диктираа играта. Имаа константно водство, највисоко со плус четири, предност која важеше и на паузата, со 17-13.

Во официјалните записници ќе остане запишано дека највисоката предност на овој меч изнесуваше и плус пет, бидејќи македонскиот тим со гол го отвори вториот дел, но оттука натаму работите тргнаа удолу. Кокс почна да наоѓа решение за нападите на Еурофарм, до 40. минута домашните постигнаа само два гола, гостинот ја топеше разликата и со серија од 5-1 дојде до 20-20. Оттука се играше гол за гол, Кокс дури и поведе со 24-23 во 50. минута, но во решавачките минути среќата ги посака битолчани.

Никола Митревски прво одбрани седмерец, потоа и завршниот напад на Финците, за да остане предноста 31-30, која ја донесе Ојлески од седмерец на почетокот на 60. минута. Тој го заврши мечот со пет гола, како втор стрелец, повеќе од него имаше Владислав Остроушко, осум од 10. На овој меч, тренерот на Еурофарм, Стевче Алушовски не можеше да смета на повредените Невен Стјепановиќ и Никола Маркоски.

По четири кола, Еурофарм ги освои првите два бода во групата Ц и се наоѓа на четвртото место. Толку има и Кокс, а последен е Татран Прешов, без бодови. Токму словачкиот тим е следен противник во Битола, идната недела, на 20 октомври.