На Кјелце му „побегна“ авионот, не се знае кога ќе стигне во Скопје!

Ракометарите на Кјелце се соочуваат со сериозен проблем во пресрет на утрешниот дуел од Лигата на шампионите (ЛШ) против Вардар во „Јане Сандански“, откако останаа „заглавени“ во Виена по проблемите кои ги имаа со летот од Краков кон австриската престолнина.

Големиот ривал на црвено-црните полетаа со дури три часа задоцнување, поради што го пропуштија конекцискиот лет кон Скопје. Со оглед што нема друг директен лет од Виена за Скопје, полскиот тим ќе мора да се снаоѓа со прелетување преку друг град, што дополнително ќе им го продолжи патувањето.

Тоа, пак, значи далеку поголем замор кај ракометарите, кои патешествието го почнаа уште рано наутро во автобус од Кјелце кон Краков, но и откажување на вечерниот тренинг пред утрешниот натпревар.