Мрежата на Металург најполна досега во европски натпревар

Веќе не е вест дека Металург запиша уште еден пораз во Европската лига и тоа болен и убедлив на гостувањето во Виена, кај Фиверс. Она што повеќе паѓа во очи и дека тој пораз беше со 45 примени гола!

Металург никогаш во својата богата европска историја не примил олку голови и затоа вечерва постави рекорд, губејќи со 30-45 од Фиверс. Дека нападот на Австријците е прецизен и убеиствен најави почетокот на натпреварот, впрочем првите 15 минути од него, затоа што дури тогаш домаќинот првпат се случи да промаши.

Поточно, Даниел Дупјачанец тогаш ја забележа првата интервенција и ја прекина серијата која не се гледа на ракометните терени: 13 гола од 13 обиди. Металург во тие мигови првпат врза два-три гола, но бадијала, кога наскоро првпат допре десет негатива, 8-18. 

На паузата беше 13-22 за Фиверс, а сличен стил на игра продолжи и во вториот дел. Австрискиот тим газеше во силно темпо, Металург правеше грешки, па потоа Дупјачанец беше принуден да брани контри и лесни шутеви. Неговото издание дури беше и блескаво, со 14 одбрани, но дурии со таков голман Металург направи неславен рекорд во своите европски настапи.

Досега имаше примено 43 гола, во 2006 година, кога загуби од Фленсбург со 24-43, но ова ја помести границата. Секако, причините за ваквото издание се повеќеслојни и истите поради кои Металург е последен на табаелата во групата А, со еден бод од осум меча. Меѓу стрелците вечерва, Милан Поповиќ имаше вонсериско издание со 11 гола од 13 обиди, Мице Шилегов постигна пет, Мартин Серафимов четири. Следен натпревар за Металург во Европската лига е против Адемар Леон, во Скопје, на 2 март.