Вардар не успеа да ја продолжи чудесната игра од претходните два домашни натпревара во Лигата на шампионите и го претрпе првиот пораз оваа сезона, со 25-31. Монпелје имаше одговор за секој потег на Вардар, висока и тешко пробојна одбрана и на крај заслужени два бода, кои го турнаа македонскиот првак на петто место во групата А.

Работите „замирисаа“ на лошо уште некаде по десеттата минута, иако Монпелје од самиот старт не го предаде водството. Некаде на половина од првиот дел првпат поведе со три разлика, 7-4 и 8-5, па до крајот, резултатот постојано се нишаше меѓу два и три негатива за „вардарци“. Вујовиќ го внесе Борко Ристовски на место на Мартин Томовски, но и тоа не донесе многу резултат, како и промената на тактиката во нападот.

Играта „7 на 6“ стана само повод за Монпелје да најде нова причина да го казни Вардар, постигнувајќи двапати гол на празна мрежа. На пауза заминаа со највиски 15-11, а почетокот на вториот дел не донесе ништо ново, напротив, Французите само го пробиваа лимитот на својата нова најголема предност. Со неколку одбрани на Борко, Вардар дојде на минус три (18-21) во 40. минута, но тоа беше краток здив.

Највисокото водство Монпелје го имаше во 52. минута, со 28-20, а Вардар можеше да се надева само на ублажување на впечатокот. Дибиров со седум и Тото со шест гола беа најефикасни кај домаќините, а Ристовски и Томовски заедно собраа 10 одбрани. Монпелје, едноставно, подобро ги искористи шансите и ги казни вардаровите грешки, а во тоа преднишеа Бос и Вијмино со по седум погодоци, додека вистинска разлика направи и голманот Бонфуа со 12 интервенции.

Вардар остана на пет бода, колку што има и Монпелје, но со подобра гол разлика. Во таква ситуација е и Пик Сегед, кој утре треба да игра со Елверум, додека нарпед се Алборг и Кил со по шест.