Металург и во пораз се радува: Оди понатаму во Европската лига!

Металург го елиминира швајцарски Криенс и се пласира во групната фаза од Европската лига на ЕХФ. Тој ќе биде втор македонски клуб во главниот сегмент од ова новоформирано натпреварување, откако Еурофарм Пелистер доби директно место.

Во изедначен натпревар, со напната завршница, Металург загуби од Криенс со 21-22, со тоа бранејќи ја скопската победа изразена со 26-24. Реваншот во Цирих само потврди дека станува збор за две изедначени екипи, бидејќи во ниту еден момент од натпреварот неизвесноста не спласна. Тоа беше надополнето со непрестаното навивање од полуполната сала и со швајцарски, но и со македонски навивачи.

Во првото полувреме се играше буквално гол за гол. И двете екипи се менуваа во водство со по еден разлика, ниедна не се одлепи ниту на плус два, а нерешено беше 11 пати, за на пауза да заминат со 12-11 за Швајцарците.

Во вториот дел Криенс беше поагресивен и поконкретен и прв дојде до плус три, на 15-12 во 36. минута. Тоа беше сигнал за тренерот Зоран Кастратовиќ да ги викне играчите на тајмаут, но иако потоа ја стопија негативата, Криенс уште неколку пати се врати на три разлика.

Сепак, во завршните десет минути гостите згрешија во неколку напади, се истакна Даниел Дупјачанец со круцијални одбрани од контри и од седмерец и кога Металург погоди за 21-21, на две минути до крајот, тешко беше за верување дека може да биде елиминиран во Швајцарија. Дупјачанец со 12 одбрани беше еден од најзаслужните за успехот, Канкараш постигна петгола, Хорват и Тарабокија по четири. Кај домаќините Гаврановиќ предводеше со шест.