Мартин величествениот со 12 одбрани за едно полувреме го збудале Кил!

Вардар игра магично понесен од спектакуларната атмосфера во „Јане Сандански“, но и од неверојатната партија на Мартин Томовски на голот.

Во резултатот 13-10 на паузата, македонскиот репрезентативен голман има вградено нестварни 12 интервенции. И тоа не какви било, туку барем осум од нив беа зицери (еден седмерец) на гигантот од Бундеслигата. Ако тоа е недоволно мерило за потфатот на 24-годишниот македонски голман, тогаш дополнително говори податокот дека кон него беа упатени 22 удари, што ќе рече брани со 54,5 процентна успешност?!

Оние што следат барем малку ракомет знаат дека и 33 отсто, односно една третина одбранети удари е одличен процент, а ова на Томовски е партија од соништата. На неговото одлично полувреме се надоврза и Тимур Дибиров со седум гола од девет обиди, а останатите шест гола ги постигнаа шест различни играчи.