Лесна ждрепка за Металург и за Бутел во Европската лига

Македонските претставници во квалификациите од Европската лига на ЕХФ добија релативно лесни противници во првото коло, на денешната ждрепка во Виена.

Металург ќе биде апсолутен фаворит со хрватскиот прволигаш Спачва, додека Бутел ќе се соочи со малку непознат, но клуб со не толку познато реноме во европските натпреварувања, унгарскиот Ѓенѓеш.

Металург прво ќе биде домаќин, додека Бутел прво ќе гостува во двомечот закажан за 29 или 30 септември и за седум дена подоцна. Ако ги минат овие противници, Металург и Бутел ќе се пласираат во второто квалификациско коло, кое е последен филтер до влезот од групната фаза.

Таму веќе има девет екипи кои чекаат, како носители, така што ќе биде потребна среќа и во тамошната ждрепка, да се добие полесен противник за пласман во шесте групи со по четири екипи (вкупно 24). Како привилигиран, фаворит таму директно е пласиран Еурофарм Пелистер.